За Друштвото
Зачетоците на Авто Мото Друштвото во Гевгелија започнуваат уште од 1950 година кога во рамките на тогашна Народна техника покрај останатите секции (Кајакарско-бродарско друштво „Ристо Букршлиев’’, Фото - кино клуб Вардар, Радио клуб „Никола Тесла’’, Аеро клубот и други) се формира секција за автомобилизам и моторциклизам која прераснува во Авто Мото Друштво. Тоа во рамките на таа секција најпрво го носи името Авто Мото Друштво „Гевгелија’’.
По формирање на друштвото истото во рамките на Народна техника отвара механичарска работилница на локација северно од Филатурата во Гевгелија, односно фабриката за преработка на свилена буба, во која се извршуваат функциите на друштвото преку давање на автомеханички услуги за поправање и одржување на своите како и на надворешните возила.
Најпрво друштвото преку Народна техника и АМСМ го добива првото патничко возило од германско потекло, останати од II-та светска војна, марка ADLER, а подоцна уште едно патничко возило марка OPEL, два товарни камиони на воздушно ладење, марка OPEL-BLIC и еден товарен камион марка STAER исто така со воздушно ладење.
Освен давање на автомеханичарски услуги во поправка и одржување на возила, друштвото вршело и транспортни услуги, а една од основните функции била и обука на кандидати, односно регрути за возачи на моторни возила во ЈНА.
По несреќното загинување на Дичо Панов (во 1951 година), Авто Мото Друштвото „Гевгелија’’ во негова чест во 1954 година го менува името во АМД „Дичо Панов’’ - Гевгелија, од кога почнува да функционира надвор од рамките на Народна техника.
АМД „Дичо Панов’’ Гевгелија самостојно и мошне активно ги извршува функциите до 1961 година (автомеханичарски услуги за поправка и одржување на возила, транспортни услуги и обука на кандидати, односно регрути за возачи на моторни возила во ЈНА), за да после тој период настапи период во кој сите функции на друштвото згаснуваат.

Во периодот после 1961 година се до 1968 година друштвото е сосема некативно за веќе во 1968 година по завземен став на тогашното раководство на АМСМ за формирање на автомобилски друштва во внатрешноста на Република Македонија, во Гевгелија се формира или во континуитет продолжува со работа АМД „Дичо Панов’’ Гевгелија, овој пат со свои органи на управување.
Во периодот од 1968 до 1975 година АМД „Дичо Панов’’ Гевгелија продолжува да ги извршува своите функции како и порано, а во 1975 година пристапува кон АМСМ со што и овластувањата за работа стануваа поголеми.
Овластувањата за работа во периодот од 1975 до 2005 година се различни, односно во одреден период, друштвото работело со повеќе, а во друг со повеќе овластувања. Така, друштвото во период по 1975 година покрај давање на автомеханичарски услуги работи на давање на помош на пат преку службата Помош информации, го развива членството во АМСМ, добива овластување за прибирање, чување и продажба на царински возила по прекршоци, издава Тир-карнети и меѓународни документи, врши обука на возачи со сопствена авто школа, врши менувачки работи и слично.
Веќе во 1992 година добива овластување за отварање Станица за технички преглед на моторни и приклучни возила, а во 1996 година и овластување за гранично работење.
Кон крајот на 2000 година поради промени во организационата поставеност, овластувањето за гранично работење , како и прибирање, чување и продажба на царински возила се централизира и преминува во надлежност на АМСМ.
Од 2000 година АМД „Дичо Панов’’ извршува овластувања за Технички преглед и регистрација на моторни и приклучни возила, Служба помош информации и издавање на меѓународни и туринг документи.
Во 2006 година поради поради организациони промени во АМСМ доаѓа до централизација на Службата Помош Информации и оваа надлежност од друштвото преминува во АМСМ.
На 08.06.2006 година поставен е камен темелникот на Станицата за технички преглед на моторни и приклучни возила во сопственост на друштвото.
Градежните активности за изградба на станицата до фаза карабина привршуваат кон средината на 2007 година а во периодот до септември 2010 година градежните активности мируваат.
Во септември 2010 година продолжуваат активностите за довршување на најнеопходните содржини неопходни за пуштање во работа на Станицата за технички преглед која по добивање на сите дозволи од надлежните служби свечено е пуштена во употреба на 11.03.2011 година.
©2017 АМД ДИЧО ПАНОВ Гевгелија. Сите права се заштитени. Дизајнирано од: epoha

Search