За Дичо Панов
Дичо Панов е роден 28.08.1918 година во Велес. Потекнува од позната ковачко-коларска занаетчиска фамилија која имала своја работилница каде се стекнува со основно и средно-занаетчиско образование. Фамилијата на Дичо Панов во работилницата се занимава со поправка и производство на коњски коли наменети за превоз односно транспорт на стока, како и поправка и производство на чези и пајтони наменети за превоз на патници.

Подоцна фамилијата на Дичо Панов околу 1938-1939 година се населува во Гевгелија каде го продолжува семејниот занает повторно во сопствена ковачко-коларска работилница која се наогала на денешната локација на Територијалната противпожарна единица во Гевгелија.
Покрај негувањето на семејниот занает Дичо Панов по ослободувањето работел во Колективот во с.Негорци, подоцна на расчистување и поправка на железничката пруга во Гевгелија, како и расчистување на коритото на Сува река од пропаднати вагони и локомотиви. Работел и во работилницата за ремонтирање и поравка на вагони и локомотиви како и ложилницата во Скопје (денешна населба Капиштец наспроти фабриката Треска).

По враќањето во Гевгелија како младинец активно учествувал во работата на Народна техника односно секцијата за автомобилизам и моторциклизам, подоцна АМД Гевгелија.
Со доагањето на првите моторни возила во Гевгелија по отварањето на механичката работилница во Околискиот задружен сојуз во Гевгелија (на локација позади денешна аптека 7-ми Ноември во Гевгелија) работи како автомеханичар во истата,а подоцна како инструктор за обука на возачи.
Со доделување на поголем број на возила останати од II светска војна на Народна техника Гевгелија, Дичо Панов учествува како во поправката така и во ремонтирањето на истите во Скопје.
Дичо Панов несреќно загинува при транспортот на веќе поправените и ремонтирани возила на 21.09.1951 година во сообраќајна несреќа на враќање од Скопје спрема Гевгелија на стариот пат кај Велес во близината на сегашното езеро Младост.

©2017 АМД ДИЧО ПАНОВ Гевгелија. Сите права се заштитени. Дизајнирано од: epoha

Search