Ги известуваме сите сопственици на моторни возила чии регистарски табли содржат буквена ознака МК дека управните служби при МВР на РМ отпочнаа со примена на член 28 од Правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици,
формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начи-
нот и постапката на нивно издавање објавен во Службен весник на РМ бр.293/20.
Член 28 од овој Правилник гласи: Регистарските таблици кои ја содржат буквената ознака „МК“, а се издадени до денот на отпочнувањето со примена на овој правилник, може да се употребуваат најдоцна до 12 февруари 2024 година.
Ова значи дека сите сопственици на возила чии регистарски табли ја содржат буквената ознака МК при првата наредна регистрација на моторното возило по сила на овој Правилник ќе мора да ги променат регистарските таблици со нови со буквена ознака NMK. Тоа ќе значи и дополнителен трошок од вкупно 1.500,00 денари (200,00 денари за нова сообраќајна, 1.200,00 денари за нови регистарски табли и 100,00 денари за административна такса).
АМД Гевгелија на сопствениците на моторни возила бесплатно ќе им издава рамки за регистарски таблици доколку тоа се побара при регистрацијата на возилото.
