Search

СЕ ОДРЖА ПРВИОТ ГЕВГЕЛИСКИ ВЕЛОТЛОН 2023

Недела 7- ми Мај, 2023, по прв пат на „офф роуд“ патеката во должина од 4,750 метри, специјално изградена во месноста Курија, крај Негорските Бањи се одржа Гевгелискиот Велотлон 2023.

42 натпреварувачи од Гевгелија, Богданци, Штип, Скопје, Битола, Куманово, Македонски Брод, Кавадарци, Струга, Радовиш, Велес, Струмица, Кратово и Неготино, пред голем број гледачи, се натпреваруваа во возење на велосипед, совладување на препреки и трчање по ридска патека.

Првото место го освои Даниел Анчев, втор беше Мите Досков, додека третото место му припадна на Влатко Семенаков. За првите тројца беа обезбедени и парични награди, во износ од 15, 10 и 5 илјади денари.

Организатор на оваа интересна трка е АМД Дичо Панов Гевгелија, во соработка со Гевгелија Точак клуб и Општина Гевгелија.

При отворањето на трката, Виктор Гавровски, секретарот на Дичо Панов, истакна дека целта на проектот е промоција на велосипедизмот преку искористување на климатските и теренски погодности за негова поголема промоција, стекнување на здрави животни навики кај младите, зголемување на економската активност на општината преку туристичко ориентирани услуги кон велосипедизмот и развој на Гевгелија како Friendly bike city општина.

Градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, прогласувајќи го натпреварот за отворен , им честиташе на организаторите, а во своето обраќање се осврна на тоа дека покрај другите спортски настани кои се организираат преку целата година во општината, и овој натпревар, Гевгелиски велотлон ќе придонесе за збогатување на туристичката понуда на Општина Гевгелија, со тенденција тој во иднина да прерасне во традиција, и да се одржува повеќе денови.

 

Велосипедската патека, која инаку е дел од проектот Гевгелија Велоград, во иднина ќе може да ја користат сите граѓани, не само за возење велосипед туку и за пешачење, трчање, како и за рекреирање со совладување препреки.

Инаку, Проектот „Гевгелија Вело град“ се спроведува во рамки на програмата за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската Унија, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Гевгелија Велотлон 2023

Лице за контакт и повеќе информации

Виктор Гавровски - Проект Менаџер

Зоран Кајтазов - Проект Асистент

ОБЈАВИ ЗА ГЕВГЕЛИЈА
ВЕЛО ГРАД


Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 -ReLOaD2 е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).