Изминатите денови беше утврдена вкупната должина на велотлон патекта на која во текот на месец мај 2023 година треба за прв пат да се одржи Гевгелискиот велотлон. Гевгелискиот велотлон по својот карактер ќе биде прв спортски настан кој ќе обединува три дисциплини, возење на велосипед по Off road патека, трчање и совладување на препреки.
Вкупната должина на патеката е 4750 метри, во прва фаза по стартувањето се вози велосипед по Off road патека во должина од 3620 метри, по оставање на велосипедот на точно определено место натпреварот продолжува со кратко трчање од 110 метри по што натпреварувачот доаѓа на почеток на полигонот за совладување препреки. За совладување на препреките се резервирани 160 метри (колку препреки ќе бидат поставени ќе зависи од финансиската конструкција), по совладување на препреките натпреварувачот повторно во втора фаза продолжува со трчање во должина од 480 метри каде доаѓа до местото каде претходно го оставил велосипедот. Натпреварот завршува со второ возење на велосипед во должина од 380 метри.
Надморската височина на стартот на патеката изнесува 86 метри, а висинската разлика на велотлон патеката е во распон од 45 метри надморска височина.
Патеката за Гевгелискиот велотлон посебно Off road велосипедската патека ќе биде обележана со соодветни знаци поради фактот што се протега по ридски терен со споменатата должина и надморска разлика а поминува низ живописни предели на места со ниска вегетација но и борова шума.